Пожарот на мостот „Беласица“ не се спречи, сигурни ли се останатите скопски мостови?

На Скопје му фалат мостови кои ќе ги поврзуваат двете страни на Вардар. И наместо да се направи нов, деновиве имаше голем пожар на мостот „Беласица“ на Вардар кај ТЦ „Ист гејт“. Сега станува неизвесна неговата понатамошна иднина.

Се стравува дека високата температура од околу 1.000 степени Целзиусови која се развила при пожарот ја загрозила неговата конструкција. Беше соопштено дека бетонската подлога од долната страна на мостот која што го штити мостот ги губи дел од своите својства на над 400 степени Целзиусови, додека металната арматура е чуствителна на посилна топлина. Сега ќе треба да се чека на анализи и проверки дали мостот е сигурен за употреба.

Истрагата, пак, ќе треба да открие што била причината за избувнувањето на огнот во долниот дел каде се електрични водови, големите цевки за парно греење. Скопската градоначалничка Данела Арсовска веќе излезе со првична претпоставка дека причина е човечки фактор. Ќе се види дали тоа има врска со фактот што подножјето на овој мост долг период служело како складиште за секундарни суровини – пластични шишиња, хартија… на собирачи коишто ги собираат од градските контејнери. Или, пак, со тоа што долниот дел служел како засолниште за бездомници. Ако е така, посебно прашање е како тоа се дозволило, зошто не се спречило кога се знае дека може да предизвика голем пожар. Се покажа дека електричните водови, обложените цевки за парно може да горат толку силно и да ја загрозат самата стабилност на мостот. Но, никој на време не мислел за тоа.

Сега, е важно да се мисли барем на другите мостови. Има ли некој кој е ранлив или е под закана од пожари? Некои се стари, недоволно одржувани, се користат за пренос на електрични и топловодни водови кои се обвиткани со запаливи материјали, под нив често се трупа ѓубре, служат како магацини за пластични шишиња и картони, како засолништа за бездомници. Toa значи дека опасноста од нови пожари е постојана. Од таа причина, потребна е проверка која ќе покаже какви се опасности постојат под скопските мостови и тие навремено да се отклонат. За тоа не треба да се чекат резултатите од истрагата за мостот „Беласица“.  

Претходна вестПроменливо облачно со сончеви периоди и пороен дожд
Следна вестКазнети 197 возачи, секој четврт возел пребрзо