Неодамнешниот пожар на планината Серта пеплосал речиси 9.000 хектари на шума, нискостеблести растенија и трева. Ова се првичните проценки на Јавното претпријатие „Национални шуми“ кои покажуваат дека од страната на Неготино, од каде што и почна огнената стихија, опожарени се околу 5.500 хектари, а на штипскиот дел околу 3.000 хектари.
Според првичните проценки, над 38 милиони денари (околу 600.000 евра) изнесува вкупната штета од опожарена шума во 73 пожари од јануари до јуни годинава.
Заменик директорот на Национални шуми, Кире Михаилов за телевизија „Алфа“ изјави дека штетите се епохални, ќе требаат години за да животот, дивичот се врати на планината.
– Она што е најважно да се каже е дека бомбата што ќе се случи во периодот пред се е од еколошка гледна точка. Во моментот дивеч таму претпоставувам дека нема. Ќе треба да помине малку време за да почне дел од дивечот да се враќа, меѓутоа на него ќе му требат одредени услови за да биде таму. Во моментот дивечот таму нема ниту храна, ниту место каде да се крие. Така да тоа буквално ќе биде пустина, изјави Кире Михаилов.
Тој додаде дека проблем ќе биде и обновата на површините бидејќи во расадниците немаат доволен број на садниците коишто се потребни.
-Нашите расидници во изминатите години не работеле со капацитет со којшто требало да работат и имаме недостиг на садници. Така да ќе мора да поработиме максимално и во овој сектор за да можеме во текот на оваа сезона, не знам колку ќе успееме, но во наредната да дојдеме до бројките коишто ни се потребни и да излеземе на конкретното барање на терено, изјави Михаилов.