Македонските државјани кои по 12 февруари ќе се најдат во странска држава со неважечки пасоши, во Македонија ќе можат да се вратат со патен лист – велат од македонското МНР.
Од таму за Канал 5 појаснуваат дека документот може да се издаде во дипломатско – конзуларните претставништва на земјава по претходна најава. Сепак, додаваат и дека Македонците во странство можат да се сликаат за нови документи, но целата процедурата трае околу 30 дена.
Сепак, дел од нашинците во Германија велат дека термини за сликање има дури во јуни или јули, а проблем е и цената на патниот лист кој велат дека чини по 30 евра од човек. Токму затоа, и по истекот на рокот ќе се обидат нови документи да извадат во земјава.
-Ќе патуваме од Германија до Македонија со автомобил на крајот од овој месец. Што значи дека веќе ќе биде поминат рокот за промена на документите. Немаме „Северна“ на пасошите, што значи дека за влез во својата матична држава ќе мораме да имаме патен лист. што не беше случај во минатото кога истиот се издаваше само ако патната исправа е изгубена, украдена или оштетена. Впрочем и да сакаме да ги промениме нашите пасоши нема термини набрзо, барем не во Минхен. Еден патен лист чини триесет евра по лице,- – Ивана Лазов – Македонка од Германија.
Од обединетата македонска дијаспора пак велат дека не станува збор за неколку изолирани случаи туку за илјадници Македонци во Европа и САД. Од таму велат дека иако патниот лист е опција за враќање во матичната држава, сепак не се исклучени проблеми при патувањето. Дополнително, според нив без нови документи дијаспората ќе има проблем при гласањето на изборите.
-Илјадници случаеви, ние мислиме дека се 100 илјади државјаниз засегнати со ова. Но, ние како граѓани сме имале простор од 5 години, а тоа не е направено. Дефинитивно сите они кои се надвор, со стари документи ќе мора да извадат патни листови. Доколку летаат не очекуваме проблем, но доколку транзитираат не се знае. МНР не може да гарантира дека некоја од државите не може да направи проблем,- – Гордан Јорданов – Обединета македонска дијаспора.
И од македонското МНР ги повикува Мкедонците кои се во странство а немаат можност да се стекнат со нови патни исправи преку дипломатските претставништва, навремено да се вратат и тоа да го сторат во земјава. Дополнително, од таму и потсетуваат дека по 12 февруари македонските државјани без нови патни исправи нема да имаат можност да ја напуштат земјава.