Прашање до Град Скопје: И утре ли ќе има објава дека се реконструира тротоар на Јужен булевар?

Џабе си направил нешто ако за тоа не се пофалиш насекаде- ова е универзална парола на македонските политичари. Да, нема дилеми дека граѓаните треба да се информираат за проектите што ги прават државните и градските претпријатија, ама тоа треба да биде со усул.

Вообичаено, помпезното објавување се прави на почеток и на крајот на градбата, реконструкцијата, на санацијата… Но, се почесто во информирањето се претерува.

Сетете се само колку пати министрите помпезно најавуваа дека почнуваат да го завршуваат градењето на патот Кичево – Охрид. И сигурно пак ќе најават такво нешто. Една прес-конференција и готова работа за тој ден.

И град Скопје не заостанува во ваквите дејствија, најнов пример за тоа е реконструкцијата на пешачката и велопатека на Јужен булевар што ја прави градското Јавно претпријатие „Улици и патишта“. Ова претпријатие веќе по четврти пат ја информира јавноста дека реконструкцијата е почната, дека е направен првиот, вториот дел, дека таа продолжува… а работите всушност се уште се далеку од крајот!?

Така, на пример, на Фејсбук-страницата на ова ЈП може да се види првата објава од 25 мај во која се наведува дека „Екипите на ЈП Улици и патишта, по налог на Град Скопје, деновиве почнаа со градежни активности за реконструкција на пешачката патека и изградба на нова велосипедска патека на Јужен Булевар на потегот од градилиштето на компанијата Лимак до стара Рампа.

-Вкупна површина е 1480 квадратни метри. ️Постоечката пешачка патека на овој потег во должина од 370 метри, широка е 4 метри, а на одредени делници со променлива широчина и во рамките на реконструкцијата на половина од овој потег ќе биде изведена нова велосипедска патека, беше наведено во првичната објава.

Потоа, по два дена, на 27 мај следува нова објава со која граѓаните се информираат дека „ Во тек е асфалтирање на првиот дел од реконструираната пешачка и велосипедска патека на Јужен булевар“.

– Екипите на ЈП Улици и патишта, денес го асфалтираат првиот дел од пешачката и велосипедска патека на Јужниот булевар на потегот од градилиште на компанијата Лимак кон стара Рампа во површина од 280 квадратни метри, инфмормира тогаш ова претпријатие.

Потоа, на 3 јуни следува нова објава во која се наведува дека е „реконструиран првиот и вториот дел од пешачка патека на Јужен булевар“.

-Екипите на ЈП „Улици и патишта“ го асфалтираа првиот и вториот дел од пешачката и велопатека на Јужен булевар во површина од 550 квадратни метри, која по налог на Град Скопје од неодамна почна да се реконструира во насока од градилиштето на Лимак до Стара рампа…., се наведе во објавата.

Завчера, пак, на 7 јуни следуваше нова информација со во која се наведува дека „реконструкцијата продолжува“.

– Екипите на ЈП „Улици и патишта“ денес асфалтираа уште еден дел од пешачката и велопатека на Јужниот Булевар во површина од 130 квадратни метри. Изминатите денови беше асфалтиран првиот и втор дел од пешачката и велопатека во вкупна површина од 550м2, која по налог на Град Скопје од неодамна почна да се реконструира во насока од градилиштето на Лимак до стара Рампа, објави ова градско претпријатието.

Ќе има ли објава и утре за нови 20 метри направени? Инаку, до крајот на патеката кај Стара рампа останале повеќе од стотина метри.

Зошто, пак, реконструкцијата на патеката долга 370 метри, која не е сложен градежен проект, оди така бавно нема ниту збор. Кога и на теренот би се работело како што се пишуваат соопштенијата, оваа патека би била брзо завршена.

Претходна вестСЗО: Бројот на нови инфекции и смртни случаи од корова вирусот опадна насекаде низ светот, освен на Блискиот Исток и Југоисточна Азија
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните плаќаат поскапи горива, затоа што СДСМ и ДУИ не го прифатија законот