Дали до 6 мај државата ќе плати пенали од 53 милиони евра, зошто договорот со Бехтел и Енка се крие кога во него нема клаузули за тајност? Кој ќе преземе одговорност за спорните елементи и кој ќе оди во затвор за криминал и корупција…беа само дел од прашањата на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Пратеникот Бојан Стојановски на седницата посветена на пратеничките прашања праша околу обесштетувањето на нелегалните градби кои се наоѓаат на трасата на коридорот, како и за одредбата да се почнат работите без да завршат правните процедури при експропријацијата, што е противуставна . Му се обрати и на вицепремиерот Артан Груби кој е и координатор за овој договор и му рече дека за овој договор прв ќе оди во затвор.
-Еве го Артан, затоа што многу се буни нека излезе и нека одговори, кој и зошто предложил законско решение, да поднесе закон кој што е спротивен на одлука на Уставен суд и притоа свесно се согласил да плати големи казни, тоа е прашањето. А за сите други прашања, ќе ти кажам една работа, ти ќе бидеш првиот што ќе оди во затвор кога заштитените бели мечки од твојата криминална клика ќе треба да бидат повикани на одговорност“, рече Стојановски.
На ова и други прашања одговори премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека нема ништо тајно и спорно во договорот за изградба на коридорите.
-30 години државата е зависна од солунско пристаниште. Чиј монопол штити ВМРО-ДПМНЕ со противењето на изградбата на коридорите? На една фирма што има претставништво во солунско пристаниште? Зошто да не можат нашите фирми да не можат да се снабдуваат од Бургас и од Драч?, рече тој.
Ковачевски рече дека блокадата на законите за изградба на коридорите ја прави Левица, додека ВМРО-ДПМНЕ се крие.
-Дали проектот со изградба на коридорите ќе биде реализиран во побрзо време или ќе биде реализиран поспоро и поскапо зависи од блокадата која што ја прави во ова собрание вашиот шеф Димитар Апасиев а која што вие, од ВМРО-ДПМНЕ ја поддржувате. Во амбасадите одите таму како мачиња предете, велите ние се поддржуваме ама Левица ги поднесе амандманите ние сега немаме што да правиме. Затоа ќе си застанете еднаш зад стратешките интереси на државата. Не влеговте за ФРОНТЕКС, како што требаше да поддржите европски предлог за отпочнување со ЕУ, јас сметам дека требаше да влезете. Како што треба да поддржите продолжување на патот во ЕУ, исто така сметам дека треба да го поддржите. Бидејќи нашата држава е држава на сите граѓани и сите граѓани заслужуваат да ги имаат истите права кои што ги имаат граѓаните на пример во Скопје, Велес, Гевгелија бидејќи тие се наоѓаат на потегот на коридорот 10. Не заслужуваат граѓаните на североисточниот регион, Крива Паланка, Куманово, на Струга, на Кичево итн, јас не ги делам граѓани по етничка основа. Гледам и по етничка основа почнавте да ги делите граѓани. Слушам таму некој вели коридорот ќе бил граница, кај се видело коридор да биди граница. Коридор е мрежа, не граница, коридор ги поврзува луѓето, рече премиерот Ковачевски