Пратениците лани наплатиле 360.000 евра за патни трошоци, рекордер Аџиоски со 12.417 евра

Седумдесет и три пратеници минатата година инкасирале 360.000 евра, за да ги покријат своите патни трошоци за доаѓање во македонското Собрание. Најмногу патни трошоци пријавиле народните избраници од СДСМ – 23 пратеници од оваа партија добиле 133.000 евра, а веднаш за нив се 23 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои за овааа намена добиле 132 илјади евра.

Како што објави ТВ Сител, сумите за патни трошоци што минатата година ги пријавиле пратениците варираат од 7.800 до 770.000 денари. Рекордер е Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ кој земал 769.888 денари, односно 12.417 евра за да доаѓа од Струга до Скопје. Јадранка Поцкова од истата пратеничка група за патувањата од Скопје до Струмица дневно во просек добивала 3.468 денари, односно, наплатила 752.653 денари или 12.139 евра. Сурије Рашиди од Алијанса, пак, за превоз од Струга до Скопје дневно во просек добивал по 3.254 денари, или вкупни 706.234 денари, односно, 11.390 евра.

Љубица Спасова од СДСМ наплатила вкупно 673.645 денари или 10.865 евра и е водачот на владејачкото мнозинство на оваа листа. Арбана Пашоли од Дебар, од собраниската каса земала 409.961 денари,односно, вкупно 6.612 евра.

-Инаку, патните трошоци се само еден дел од парите кои ги добиваат народните избраници. Пратениците добиваат основна плата која 3 и пол пати поголема од просечната во државата. Со оглед на тоа дека просечната плата во овој момент изнесува 33 011 денари, еден пратеник месечно ги чини граѓаните 115 538 денари, без притоа да се пресмета неговиот стаж, се наведува во сторијата.

Инаку, Уставниот суд во ноември минатата година не поведе постапка за иницијативата на Левица за патните трошоци на пратениците. Подносители на иницијативата беа политичката партија Левица, нејзиниот лидер Димитар Апасиев и неговиот сопартиец и колега од пратеничките клупи, Борислав Крмов, со која се оспорувше една од привилегиите на пратениците, односно дека наводно спротивно на законите земале пари за патарини, во период од 15 години.

-Правото кое пратениците го имаат на надомест за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и висината на овој надомест, се утврдени со Законот за пратениците. Со оспорената одлука се разработуваат условите за остварување на ова право, односно се прецизираат случаите кога се смета дека возилото се користи за службени цели. Оспорените точки 3 и 4 од Одлуката се во согласност со Законот за јавните патишта и со нив изворно не се утврдува право на пратениците, беше аргумент наведен во соопштението од Уставен за одлуката.

Претходна вестСтрадаме од лоши политичари кои од Македонија направија корумпирана држава
Следна вестДобро е, СДСМ обезбеди услови за реформи на реформите што не реформираа…