Двајцата опозициски пратеници на Левица во Собранието – Димитар Апасиев и Борислав Крмов традиционално, веќе трета година по ред, не присуствуваа на пленарната седница на која се обрати претседателот Стево Пендаровски, информираaт од партијата. Тој ќе остане запаметен како промотор на антимакедонската сервилна меѓународна политика, која преку национално понижување на Македонците, Републиката ни ја направи протекторат на западните корумпирани елити, велат од Левица.
Во продолжение целото соопштение на Левица:
– Ја известуваме македонската јавност дека двајцата опозициски пратеници на Политичката партија Левица во Собранието на Република Македонија – Димитар Апасиев и Борислав Крмов – традиционално, веќе трета година по ред, не присуствуваа на пленарната седница, на која се обрати претседателот на Републиката – Стево Пендаровски. За нас, тој е невидлив претседател и како таков треба да биде третиран во законодавниот дом.
Нашите пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на т.н. „шеф на државата“, кој ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме „Северномакедонски пријатели“.
Сметаме дека еден ваков ситнодушест буржуј, кој сервилно го одмолчува секојдневното подигрување со инсигниите на македонската нација и негирањето на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите народни пратеници и на пошироката јавност.
Пендаровски, познат по своите психички неурамнотежени испади на прес-конференции, по својот некреативен дрвен новоговор и апологет на невизионерскиот НАТОфундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински прифатен како „Татко на нацијата“.
Тој ќе остане запаметен како промотор на антимакедонската сервилна меѓународна политика, која преку национално понижување на Македонците, Републиката ни ја направи протекторат на западните корумпирани елити.
Неговото неминовно заминување од политичката сцена во 2024 година ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари, со визија за еден нов и праведен свет.
Долу вазалите!
Долу косоваризацијата!
Долу бугаризацијата!
Да живее слободна и суверена Република Македонија!, се вели во соопштението на Левица.