Пратениците според најавеното денеска треба да расправаат и околу предлог законот за изградбата на новата когенеративна централа во Железара од страна на грчката фирма „Митилинеос“. Треба ли да се брза околу ова?
Прво енергетските експерти, а потоа и сами министри во Владата почнаа да се сомневаат во оправданоста на вакви проекти, посебно на оној со грчката компанија.
Здружението на инженерите предупреди дека реалната пазарна цена на гасната електрана на „Митилинеос“ чини околу 180-190 милиони евра, а не чини 290 колку што е наведено во законскиот предлог. Со тоа државната помош не треба да изнесува 50 туку само нешто над 30 милиони евра. Експертите опоменуваа и дека најважно е тоа што за таква централа воопшто не смее да се дава државна помош оти ќе постои обврска Македонија од неа да купува поскапа електрична енергија од берзанските цени, што грчката фирма ќе има загарантирани за 10 пати повисоки маржи и со што годишно ќе печали и повеќе од 40 милиони евра за струја, и повеќе од 4 милиони евра за купување на топлинската енергија, што Македонија годишно ќе мора да плаќа по 25 милиони евра за емисија на ЦО2…
Овие податоци можеби и беа причина што министерот за економија Крешник Бектеши неодамна соопшти дека за една од трите стратешки инвестиции во областа на енергетиката ќе треба повторно да се преговара. Односно, дека е спорно тоа што се дава државна помош за вакви проекти во кои се гарантира откуп на електрична енергија од страна на самата држава, а каков пример не постоел во регионот…
Значи, има доста оправдани сомнежи кои поставуваат дилема во однос на аргументите со кои останати владини претставници ја убедуваат јавноста – дека значитлено ќе поевтини парното греење во Скопје, дека државата ќе печали по 7 милиони евра по основ на закупот на земјиштето, дека по основ на давачките државата за 30 години ќе приходува помеѓу 120 и 150 милиони евра…
Вакви дилеми, сигурно, треба да се расчистат и добро е тоа што сите вакви прашања сега се поставуваат. Но, да се расчистат пред да влезат во собраниска процедура, оти таму… Експертите побараа и да присуствуваат на парламентарната седница. Не е извесно дали тоа ќе им се овозможи.
Но извесно е дека анализите и повторните разгледувања треба да следат и во наредниот период. Нема потреба од никакво брзање и носење на парламентарна одлука.