Правната фела има низа забелешки за разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет. Повеќето сметаат дека не е изгласан ниту дневниот ред за да може да се премине на наредна точка.
Како кочница за разрешувањето да биде легално, според правниците, се и седумте гласа, кои ги сметаат за недоволни бидејќи претседател се избира со осум гласа. На темата коментираа ексобвинител, адвокати, професори по право, на различни места, а нивните реакции ги собра Макфакс.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска посочува дека драмата во Судскиот совет е само нокаут за веќе паднатото судство на колена.
– Ако претседателка на ова тело може да се разреши како да е претседателка на куќен совет, надвор од секоја процедура, со насилство и пуч во телото, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за неговата одговорност и напредување во кариерата. И како би бил заштитен тој како судија? Уште веднаш треба со изјава да излезат сите претседатели на првостепени и апелациски судови, Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Здружението на судиите со реакции за денешниот скандал. „Борбата продолжува, ќе биде уште полошо“, рече Дамева на заминување. Колку полошо може од ова?! „Анархија“, „колапс“, „амбис“, „хаос“ се употребените именки за состојбите во судството од страна на членовите на Судскиот совет. „Ова на ништо не личи“, „беззаконие“, „ќе биде полошо“, „има озборувања во канцеларии“, „нарушени меѓучовечки односи“, „диктати“, „нарачки“ и слично, се дел од описите што можевме да ги чуеме.
Еден збор не употребија – „срам“, тоа е од мене, а го опишува чувството да се следи седницата, напиша адвокатката.
И адвокатот Јанаки Митровски посочи дека оваа држава се вознемирува само кога САД ќе пише писмо.
– Ова е јадна држава во која Судскиот совет се вознемирува само кога амбасадорот на САД ќе им пише. Од граѓани, адвокати и остало не им чуе. Ваков вазалски однос е погубен за нас. „Дали сме ние членови на Судскиот совет и треба ли да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судскиот совет?“, прашува потпретседателот на Советот, еј, Македонијо, државиште!!!, вели Јанаки.
Остра критика и од професорката по право, Мирјана Најчевска.
– Поголема банда од судиите членови на Судскиот совет нема. Тоа се партиски војници назначени на овие функции единствено со цел да го штитат криминалот на партиските челници. Дајте, бре, луѓе да се тргнат сите судии и јавни обвинители, а првин овие од Советот, вели професорката Мирјана Најчевска.
Ана Павловска-Данева, професорка по право, посочува дека разрешувањето на претседателката Дамева, додека таа е во салата, а со одземање збор од страна на потпретседателот, создава негативна практика.
– Денес, потпретседателот на Судскиот совет ѝ го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на законот и Деловникот. Сите молчат. Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата. Сите пак ќе молчат. И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати, вели професорката Ана Павловска-Данева.
Ексминситерот за правда Михајло Маневски посочува дека вчерашните случувања во Судскиот совет се хорор и срамота.
– Хорор и срамотилак во највисокиот орган на судската власт. Селим Адеми, заменик-претседател на Советот, изврши пуч и ја презеде власта во Судскиот совет со сила. Овој Селим не ферма ни Деловник, ни дневен ред, ни закон. Почитува само насилство, кое го изврши поддржан од сите претставници на ДУИ во Советот? Значи, може и вака, со насилство? Браво. Сега довербата во судството е рамна на нула. Аферим, пишува Маневски.
Вчера, во Судскиот совет имаше неколкучасовна драма, караници, престрелки. Заменикот на крајот успеа да ја разреши претседателката на Судскиот совет.