Празникот Успение на пресвета Богородица на Матка ќе се чествува на отворено  

Со литургии на отворено во дворот на црквата, носење на заштитни маски и држење на дистанца в петок ќе се одбележува големиот празник Успение на пресвета Богородица на Матка крај Скопје. Овој манастир традиционално место на кое се собираат најголем дел од православните христијански верници за да го чествуваат празникот посветен на денот кога починала Мајката Божја.

Сестринството на манастирот „Успение на пресвета Богородица“ објави дека прославата по повод празникот ќе се одржи на 27 и на 28 август на отворено во дворот на манастирот. Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци, како и културно-забавна програма. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири. На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.

-Во манастирот ќе се влегува на предната врата, а од таму ќе се излегува на задниот влез. Секој посетител за да влезе ќе мора задолжително да носи маска. Исто така на влезот ќе се мери температура. Верниците и посетителите ќе мора да внимаваат и да одржуваат дистанца од 1,5 метар. Местата за стоење и за правец на движење во манастирот ќе бидат одбележани. На влезот и за време на задржување во манастирот е задолжителна дезинфекија на рацете, се наведува во објавата.

Од 15:00 часот на 27 август во манастирот ќе има задолжителна редарска служба. Во 17 часот ќе започне едночасовна вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено, а сите присутни ќе мора да стојат на растојание. После вечерната служба ќе продолжи посетата на храмот според превентивните мерки. На денот на празникот, на 28 август во 2 часот предвидено е да започне бдение кое ќе заврши со Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан. Во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.

Претходна вестЗошто не постават 60 потпретседатели на парламентот?
Следна вестВандалите во Аеродром не ги дрма ниту струјата, ниту полицијата