Вандалите во Аеродром не ги дрма ниту струјата, ниту полицијата

Се уште непознати вандали го оштетиле фудбалско игралиште во близина на основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром. Урбана опрема била уништена и во Паркот на езерата.

На мета на вандалите бил голот на фудбалското игралиште кој е целосно урнат.

-Исто така, бил исечен и кабел за струја со што сторителите директно се изложиле себеси, но и другите граѓани на голема опасност. Случајот е пријавен во полиција и се надевам дека вандалите во најбрзо време ќе бидат пронајдени и соодветно казнети. Синоќа урбана опрема била уништена и во Паркот на езерата, како и на спортското игралиште во близина на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што претходно биле исклучени рефлекторите, потенцира во изјавата Златко Марин, градоначалник на оваа скопска општина.

Тој предупредува дека граѓаните не смеат да ги отвораат орманите за струја што наоѓаат на спортските игралишта затоа што со тоа го доведуваат својот живот во опасност.

-Постои посебна служба што се грижи за јавното осветлување и доколку имате забелешка пријавете во Општината, истакна Марин.

Претходна вестПразникот Успение на пресвета Богородица на Матка ќе се чествува на отворено  
Следна вестНе запира црниот биланс: Пет починати, 127 новозаразени од вирусот