Таа вечер пред 82 години, на 31 декември 1941 година, односно на пречекот на Новата 1942 година во куќата на стружанецот Сотир Шута се собрала поголема група на прогресивни младници. Навидум, се организирале да си направат новогодишна забава, а всушност разговарале за тоа како да му се даде вооружен отпор на фашистичкиот окупатор. Тогаш, во еден момент, стружанецот Владо Малески почнува да ги пее стиховите: „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата! Македонците се борат, за своите правдини!…“ Малески пееше, останатите веднаш ги прифатија стиховите кои излегуваа од срце и кои го содржеа вековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава и неговата борба за човечки правдини, за новото сонце и слободна татковина изградена на постулатите од илинденците.
По таа вечер, песната влегува во македонска историја. Почнува да се носи од уста до уста низ цела окупирана, но непокорена Македонија, станувајќи општоприфатен симбол на борба и непокор.
Потоа, по ослободувањето на Македонија од фашистичките окупатори веќе немало дилеми која песна треба да се избере за химна. Таа, на текстот на Владо Малески добила и музика од композиторот Тодор Скаловски и по завршетокот на Втората светска војна била усвоена како химна на тогашната Социјалистичка република Македонија во рамките на поранешна Југославија.
Подоцна, Владо Малески истакна дека песната ја подготвил заедно со уште двајца пријатели.
-Јас, Боро Путе и Димче Кошарко, ја подготвивме песната “Денес над Македонија” која набрзо потоа ќе стане најпопуларна песна во цела Македонија, се сеќаваше Малески кој таа вечер ја испеал песна свирејќи и на гитара.
Во период по војната иако „Денес над Македонија се раѓа“ се изведуваше како химна речиси на секоја свеченост низ Македонија, нејзиниот пат до официјализација како химна на СР Македонија беше долг. За првпат химна се споменува во Уставот на СРМ од 25.11.1974 г. Член 10, вели „Социјалистичка Република Македонија има химна“, но не даваше други детали која е таа химна. Конечно, со уставните амандмани од 14.4.1989, со амандманот ЏЏИВ, се заменува членот 10 од Уставот на СРМ, а текстот гласеше: „Химна на Социјалистичка Република Македонија е „Денес над Македонија“. Со што таа добива официјална позиција, но не е даден официјален текст.
Подоцна, по осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена и за химна на независна Македонија.
Првиот текст на химната изведена во Струга во 1941 година имала малку поразличен текст од денешниот особено во имињата на македонските револуционери и еден подолу ред. Така од првичните „… Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“, денес во химната се спомнуваат „… Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“.
Химната е изгласана на 11.8.1992 година. Единствениот амандман беше од пратеникот од Кирил Ковачевски, кој бараше третата строфа да гласи: „Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Груев, Сандански“, но беше одбиен со образложение дека текстот е авторски и веќе обнароден и не може да се менува.