Во Собранието денеска ќе се расправа за реорганизацијата на министерствата. На дневен ред е Предлог-законот за организација и работа на органите на државна управа по скратена постапка што го предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, корекциите се во насока на правилно функционирање, непоклопување на надлежностите, фокус на работите од областа на енергетиката, рударството и спортот.
Пред два дена, идниот мандатар истакна дека е предвидено Министерство за економија и труд, кое според него, ќе биде Министерство кои ги опфаќа дел од ингеренциите од старото министерство, на кој додаден и сегментот труд, за да можат работодавачите и работниците да бидат во едно место.
Според него, Министерството за социјална политика и труд ќе биде Министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт нема повеќе да постои и ќе има посебно Министерство за спорт.
Досегашните надлежности на Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката, ќе бидат дел од новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Исто така, делот од ингеренциите кои ги имаше Министерството за економија, во делот на туризмот, ќе бидат присоединети во новото Министерство за култура и туризам.
-Ново министерство ќе биде и Министерството за администрација, најави Мицкоски на прес-конференција во Собранието.
Новиот кабинет треба да брои 23 министри.
Како што стои на собраниската веб страна, на дневен ред на оваа седница се и две други точки – Верификацијата на мандат на пратеници во Собранието на Република Македонија и Предлог на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија.