Македонските политичари обично многу зборуваат, ама малку кажуваат. За време на предизборието тоа е дури и засилено. За жал, во кампањите неретко отсуствуваат темите кои ги мачат граѓаните. Еве пример во Скопје: Град си расте континуирано, малку во ширина, малку повеќе во висина со многукатни згради. Расте и бројот на жители. Дали тоа е издржливо за постојната градска инфраструктура? Зборуваат ли за ова кандидатите за градоначалници? Што ќе преземаат за градот да не се самозагушува?
Се ветуваат нови сообраќајници, нови автобуси, бесплатен превоз… Но, никој не ја споменува темата: дека Скопје е пренаселен град, и дали во градот треба да продолжи ваквото интензивно градење, во која зона да се продолжи со градбите и конечно дали ќе се бара начин да се намали приливот на нови жители.
Зарем старо-новите кандидати за градоначалници прашањето за доселувањето и за тоа во кој правец да се развива градот ќе го остават да се движи според досегашното искуство – без правила? Има уште важни теми кои се игнорирани или површно се споменати, а го притискаат Скопје. На пример: загадувањето, големата непродуктивна и скапа градска администрација…
А кандидатите за градоначалници не само што треба да ги споменуваат овие теми, туку и решенија да нудат.