Колумна на Ивица Боцевски:
Зошто ДУИ ја проширува својата коалиција со неалбански етнички партии? Али Ахмети е симболот на етничкиот триумфализам во Македонија. Тој грижливо си го негува имиџот на победник над Македонците и на воено поле во 2001 година, но и на зелената маса оттогаш, па досега. Актуелна Македонија на многу точки го носи жигот на Али Ахмети, од (не)функционалноста на политичкиот систем, преку неговиот проект за „лазечка федерализација” на два етникуми наместо изградба на граѓанска држава, па сè до изградбата на „парадржавата на ДУИ” внатре во институциите. Опеан во патриотски турбо-фолк, исцртан во националната иконографија и засилуван од политичката и медиумската машинерија на ДУИ, Али Ахмети е веќе прогласен за етнички херој и се бори да биде „татко на албанската нација во Македонија”.
Е, сега, како и во секоја митологија има бројни пукнатини во гипсот на статуите на јунакот. Нема да навлегувам за контроверзите околу енверистичкото минато на Али Ахмети, учеството во радикалните групи, а и да ја оставам 2001 година за еден посебен текст. Аурата на „победник на зелена маса” на Ахмети произлегуваше од проценките на меѓународната заедница дека структурите околу некогашната УЧК имаат потенцијал за дестабилизација на земјата и оттука беше нивното инсистирање ДУИ да биде вклучен во власта. Теоријата е дека одговорноста го отапува радикализмот. Но, во изминативе години ДУИ толку го извитопери системот што денес во Македонија една од најдискриминираните слоеви на граѓанството се Албанците кои што не се членови на ДУИ. За нив нема пристап до државата. Покрај тоа, со двете децении власт си дојдоа и сите политички зла на заседнатата власт – корупција, злоупотреба на службената должност, непотизам, кронизам, соработка со матни криминални групи и така натаму. Во Македонија ДУИ стана симбол за корупција. Исто така, најголемата пукнатина на херојската статуа на Али Ахмети се случи кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени скандалите поврзани со неговото најтесно семејство. Борба за етнички права никако не може да се спои со купување на најексклузивната недвижнина во Скопје.
Затоа сега Ахмети и исплашен. Се чини дека обединувањето на опозициските партии кај етничките Албанци дава една предизборна хемија која што го загрозува ДУИ. Од тие причини Ахмети веќе не бара гласови кај Албанците туку се отвара кон Турците, Ромите и Бошњаците, повторно преку етничкиот клуч затоа што тој е неспособен да игра граѓански. Нему тие му се потребни исто како и Албанците на Заев во 2016 година – како контингент на гласови кои што ќе го доведат на власт и ништо повеќе. Разочарувањето на неалбанските заедници од Ахмети и од ДУИ брзо ќе дојде, исто како што Албанците веќе не може да замислат свој глас за СДСМ. Паднаа маските дека Ахмети на овие избори се бори за правата на етничките Албанци … Тој се бори само да го продолжи животот на „парадржавата на ДУИ” и нивниот коруптивен модел на владеење.