Предизборно за лицемерието – духовниот кукавичлук

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Во периодот по ослободувањето и префрлувањето на АСНОМ во Скопје (второ заседание на АСНОМ, декември 1944 г. и третото, во април 1945 г.), настануваат неколку битни процеси: спојување на партиските и државните органи со очигледна насока кон монопартизам (КПМ), отстранување на сите граѓански, автономни, стручни или угледни во народот кадри од власта и политиката, репресија и послушност преовладуваат во новиот систем. Но, наспроти еднопартискиот и федерално-централистичкиот поредок, македонската држава сепак успеа да мобилизира добар дел од човечкиот, природниот и стопанскиот потенцијал за развој и бележи повеќе значајни економски, социјални и културно-научни постигнувања, но и афирмација. Изградени се значајни индустриски и стопански капацитети, патна и комунална инфраструктура. Ова пак, зборва дека во тие и такви услови сепак преовладале идејните вредности за општествено добро, кое  овозможува и лична добробит.

По кризата на системот и раздружувањето од Федерацијата, на самиот почеток од 90-те години на 20 век, во улога на претставнички и владеачки чинители во македонската независна држава, станаа наследниците на (псевдо)комунистите. Кои емитуваат арамиска нарав, себичлук и агресивност за лично богатење. Газејќи сé пред себе, тие веќе три децении се вистинските властодржсци и едвај го сочинуваат оној 1% од вкупниот број на активните претпријатија во кои се концентрирани големите пари и големите акции. Финансиски и политички реформи, нови политички идеи, нов општествен договор и економски систем, не се во нивната сфера на размислување и делување! Овие скороевци се јавуваат како големи поддржувачи, во најширока смисла на поголемите политичко-партиски групировки и на нивните власти. Затоа и не можат, власта и опозицијата да понудат мерки со конкретна содржина во ова апокалиптично време за народот и за државата!

Историскава реминисценција ја спомнувам со намера, доколку актуелните кандидати за освојување на политичкиот „ловоров венец“ – претседател/ка на Републиката или пратеник во народното собрание целат кон нови вредности, поставувајќи се наспроти ветрот ќе треба да се вооружат со совест, свест, трудољубивост, чест и волја за воспитано и посветено општонародно однесување и дејствување (Ridin’ the Storm Out)! И не само тоа да ги набркаат „со дрво, како што готвачите го гонат кучето од кујната“ (Џган, Г.Прличев) од својата близина и дружба, оние вечни ликови во споредна улога на сите власти, позициски и опозициски – соработници, политиканти, музиканти, директори, советници, к о м и с и с т и (грчко-македонски/бугарско-македонски) и други.

Нам – ние што го чиниме народот, во животот, особено во општествено-политичкиот, не ни се потребни старо-нови подлизурковци, нарцисоидни, упорни, а тапи! За бедата на духот знаеме и доста ни е од „духовниот кукавичлук“ – лицемерие, хипкризија! Оттука, драги учесници во политичката борба, знајте дека мудроста на оние што владеат или пак целат кон тоа, не се огледа во големите достигнувања што тие имале можност да ги водат, туку во спречувањето на потенцијалните фатални грешки!

 

 

Претходна вестМиркуловски и во иднина ќе работи во Вецлар
Следна вестСанкционирани 149 пешаци, од нив 134 за небезбедно преминување улица