Премиерот Ковачевски во Софија пречекан со највисоки почести

Со највисоки државнички почести и церемонија што се одржа попладнево на плоштадот Александар Невски во Софија, бугарскиот премиер Кирил Петков го пречека македонскиот колега Димитар Ковачевски, кој ја предводи владината делегација.

Премиерите, според Програмата на официјалната посета, положија цвеќе на спомениците на Непознатиот воин и на Светите браќа Кирил и Методиј, по што се упатија кон Македонскиот културно-информативен центар за да го означат почетокот на работата на дописништвото на македонската новинска агенција (МИА).

Агендата на првиот ден од официјалната посета на Софија вклучува и посета на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Петков и бугарската влада им се домаќини на Ковачевски и на македонските министри за заедничката седница во резиденцијата „Бојана“, која ќе почне утре изутрина и ќе трае до доцна вечерта.

Ковачевски и Петков ќе имаат воведно обраќање, а според програма, ќе се потпишат и неколку билатерални документи.

Според најавите, двете влади утре ќе разговараат за забрзување на изградбата на автопатот на Коридорот 8, за новиот граничен премин Клепало, составување на комисиите за економија и стопанска соработка, образование, култура, иновации…

Заедничката владина седница се одржува само една недела по официјалната посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје.

Претходна вестМВР: 211 санкции за брзо возење
Следна вестПовторно поскапување – од полноќ нови цени на горивата