Пресуди за „Титаник 2“: По две години затвор за Мијалков, Тачи, Ибраими, Стефановска, Сајковски и Срцев

Затворска казна од по две години денеска добија шетмина обвинети во случајот „Титаник 2“ од страна на Основниот кривичен суд Скопје. Судијата Огнен Ставрев, на крајот од повторното судење за овој случај, за виновни ги прогласи поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК). Судијата соопшти дека Сашо Мијалков се осудува на 2 години, исто како и обвинетите Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Случајот своевремено го покрена СЈО, кое отвори истрага на 12 февруари 2016, а поднесе обвинение на 29 јуни 2017 година. Тој се однесува на договарање за гласање во Државната изборна комисија (ДИК) за приговор на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица во 2013 година. Според обвинението, кое судот го смета за докажано, Тачи по телефонски разговор со Мијалков умислено го поттикнал Ибраими како член на ДИК да гласа за уважување на приговорите поднесени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Со такво гласање, било овозможено на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Струмица, Васил Пишев, повторно да учествува во изборниот процес.

Со првата пресуда во март 2019, Мијалков доби три години затвор, Тачи три години и два месеци. Највисока затворска казна од четири години и шест месеци доби Ибраими, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години. Сите се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластувања, освен Мијалков, кој е обвинет за примање награда за противзаконито влијание. Апелација ја укина пресудата во декември 2019 година. Од тогаш до декември 2022 година предметот се суди уште во Кривичен суд.

Инаку, делото на ексшефот на УБК Мијалков застарува во април годинава, па тој може да се спаси од казната доколку дотогаш пресудата не стане правосилна. За да стане правосилна, за неа треба да се изјасни односно да ја потврди осудителната пресуда и Апелацискиот суд Скопје бидејќи извесно е дека странките ќе поднесат жалби.

Претходна вестМароко следен противник на македонските ракометари
Следна вестПронајден мртов маж на спореден пат кај Богомила