Пресврт на француските избори: Левицата слави победа, десницата на трето место

Според првичните резултати по синоќешното затворање на гласачките места по парламентарните избори во Франција, на прво место е левичарската коалиција Нов народен фронт, која би можела да освои меѓу 180 и 215 места во парламентот. Центристичката коалиција предводена од претседателот Емануел Макрон би можела да освои меѓу 150 и 180 места. Националниот фронт на екстремно десничарската коалиција Марин Ле Пен, која имаше одлични резултати во првиот круг од изборите, сега е на последното место со очекувани 120-150 места, според анкетата на ИФОП.

Овие резултати, доколку бидат потврдени, ќе го остават парламентот поделен на три големи групи со многу различни платформи, кои немаат традиција на соработка. Ова потенцијално може да навести период на нестабилност, освен ако левицата не успее да постигне договор со другите партии да работат заедно.

Француското национално собрание има 577 места, а за апсолутно мнозинство потребни се 289 места.

Лидерот на левичарската коалиција Нов народен фронт, Жан Лук Меланшон, кој води на парламентарните избори во Франција, синоќа изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон мора да го признае поразот.

-Макрон мора да го признае поразот. Тој има должност да ја покани нашата коалиција да формира влада, рече Меланшон.

Тој истакна дека „поразот на Макрон е дефинитивно потврден“, додавајќи дека францускиот премиер Габриел Атал мора да ја напушти функцијата, пренесува Фигаро.

Меланшон оцени дека постигнале резултат „за кој ни рекоа дека е невозможен“.

Тој изјави дека партијата „ќе остане на своите зборови“ и ќе ја реализира својата програма.

-Волјата на народот мора строго да се почитува сега, никакви преговори не се прифатливи, рече тој.

Џордан Бардела, лидерот на екстремно десничарскиот Национален фронт (РН), кој го освои третото место на парламентарните избори во Франција, синоќа изјави дека изборните резултати се резултат на „неприродна алијанса“ што ја турна Франција во прегратките на левицата. Во првото обраќање пред поддржувачите по објавувањето на резултатите, тој го критикуваше „неприродниот“ и „нечесен сојуз“ кој, како што рече, „го лиши францускиот народ“ од победата на Националното собрание.

-Вечерва, овие сојузи ја фрлаат Франција во прегратките на крајната левица на Жан-Лук Меланшон, рече Бардела.

Тој потсети дека тие постигнале најдобар резултат на европските избори и во првиот круг од парламентарните избори и дека сега го удвои бројот на пратеници.

-Тоа е камен-темелникот на утрешната победа, рече Бардела.

Тој оцени и дека претседателот Макрон ја турнал земјата кон „неизвесност и нестабилност“.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ќе ја почитува одлуката на француските гласачи по парламентарните избори на кои левичарскиот Нов народен фронт освои најмногу гласови. Во соопштението се наведува дека претседателот ги анализира проекциите, и дека во согласност со традицијата ќе почека да добие целосна слика за резултатите пред да ги донесе потребните одлуки.

Претходна вестРеакција и демант на Фрчкоски: Срамен е начинот на кој МНР сака да ме отстрани
Следна вестМицкоски од Вашингтон најави голем број на средби но и нова странска инвестиција