Претседателот на МАНУ: Деградацијата на образованието во Македонија е застрашувачка

Итно, за да не биде предоцна, треба да се пристапи кон прочистување во образованието, порача денеска претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев. Во текст кој го објави реномираниот дневен весник „Нова Македонија“ тој се осврнува на проблемите во македонското образование и кризата во која што тоа се наоѓа.

Ова не е за првпат Коцарев да се занимава со неуспешните реформи во образованието во Македонија. Првиот академик неодамна се спротивстави на предлогот за реформа во основното образование и на укинувањето на предметот Историја. Во денешниот текст, покрај другото Коцарев го потенцира и следново:

Опстојувањето на Македонија. Опстојбата на македонската општественост се должи исклучиво на образованието, на континуираното духовно и културно просветување, од првиот Светиклиментов универзитет, преку македонската преродба во 19 век, до обновувањето на МПЦ и формирањето на УКИМ и на МАНУ. Иако македонската државност е остварена во средината на минатиот век, пред околу 75 години, денес, 30 години од независна Македонија, сведоци сме на почетоците на распродавање, откажување, негирање (од повеќе македонски институции) на сѐ што е поврзано со Македонија, дури и на придавката македонски. Во врска со тоа, професорот и писател Андоновски пишува: „Затоа, придавката е сѐ.

Живот без придавки е живот без својства. Кој се откажал од придавките, се откажал од стварноста.“ Така, придавките „македонски/а/о“, кои опстојувале повеќе векови, денес оркестрирано и синхронизирано се негираат од повеќето македонски институции.

Реформи во образованието. Стожерот на секое општество, образованието, во Македонија веќе подолго време е подложен на постепено деградирање, уништување, за денес, за жал, да може да се констатира дека образованието е претворено во пепел, пеплосано. Од независноста до денес, сведоци сме на хиперинфлација на законски прописи и нивни чести измени, особено во образованието, донесени во скратена постапка и без поширока стручна и научна расправа. Во Македонија, реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени политички цели, отколку како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на кризите коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи. Така, и Концепцијата за основното образование, иако критикувана и оспорувана од УКИМ, МАНУ и други институции, продолжува да се имплементира. Меѓутоа, во Македонија се потребни реформи во образованието ослободени од наметнатите политички стеги, кои ќе бидат транспарентни, постепени, и ќе водат сметка за целиот образовен систем.

Образованието е во криза. Образовните системи се комплексни системи во кои реформите треба да се прават внимателно, водејќи сметка не само за определениот степен на општествен развој во земјата туку и за образовните системи во соседството и пошироко во светот. Во моментов, образованиот систем во Македонија го тресат голем број скандали, од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребните заеми од Светската банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија само ја отсликува македонската политичка стварност.

Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам (во однос на нешто или некого), недостиг од контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието, особено на високото образование, е застрашувачка, наведува Коцарев во поопширниот текст, каде наведува и што треба да се направи.

Неговиот текст во целост можете да го прочитате ТУКА.

Претходна вестЗа Србите нема патарини, на сите странци ќе им ги плаќаме ПЦР-тестовите
Следна вестИЈЗ: Опаѓа бројот на починати и на заразени, сите се со британскиот сој