Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска поднесе пријава до МВР, за упатени закани по животот и безбедноста на судии на Уставниот суд.
Како што информираа од Судот, пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судија односно судии поврзани со постапување по конкретен предмет од страна на Судот.
-Претседателот Костадиновски најостро ги осудува ваквите закани упатени до судиите, истакнувајќи дека во едно демократско општество, вакви и слични закани претставуваат напад врз интегритетот на Уставниот суд, но и директен притисок врз независното и самостојно одлучување на сите судии. Поради сериозноста на упатените јавни закани и повици за насилство, Судот очекува надлежните органи професионално и навремено да ги превземат сите неопходни мерки и активности за расветлување на овој но и слични закани кон судиите, се вели во соопштението од Уставен суд.