Притворените Хрвати се распоредуваат низ грчките затвори каде нема Срби, Милановиќ вели дека ги третираат како плевел

Во Грција почна распоредувањето на притворените хрватските хулигани осомничени за крвавите инциденти во Нова Филаделфија, кога беше убиен 29-годишниот навивач на грчки АЕК, Михалис Кацурис. Вчера утро беа префрлени околу 70 притвореници од вкупно 105, а трансферот на останатите продолжува.

Станува збор за голем број лица кои треба да бидат внимателно распоредени во притворските одделенија низ Грција. Трансферите на останатите ќе продолжат во среда и четврток.

Поточно, 8 се веќе во затворите Коридалос, 12 требаше да бидат испратени во затворите во Авлона, а останатите ќе бидат распределени во Трикала, Лариса, Волос, Нигрита, Комотини, Маландрино, Амфиса, Домокос, Ханија, Хиос, Гревена, Нафплио, Кос и Солунските затвори, во зависност од капацитетот на секој затвор.

Загриженоста на грчките власти е во правец на тоа дали ќе има доволно обезбедување за затворениците, поради што Генералниот секретаријат за антикриминална политика стапи во контакт со управите на сите притвори кои презедоа мерки за безбедно задржување на притворените лица.

„Главоболката“ на казнено-поправните установи е во затворите каде има многу Срби, кои имаат омраза кон хрватските хулигани, но и за физичкиот интегритет на Грците и другите затвореници, па се дадени наредби и се внимаваше таму тие да немаат контакти коишто би можеле да доведат до судири. Изготвени се и планови за зголемени мерки и надзор во сите затвори, како и подготвеност од локалните полициски власти за брза интервенција доколку е потребно, пишува Прототема.

Онаму каде што е можно притворениците да се чуваат во посебни одделенија, тоа ќе се направи. Па така 8-те кои беа префрлени во Коридалос се чуваат во специјалното одделение, за да немаат контакт со други затвореници.

Истовремено претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, изјави дека хрватските навивачи во Грција се заробени како да е војна, дека ги третираат како плевел и оцени дека односот на грчките власти кон нив нема врска со законот, демократијата и почитувањето на човековите права.

– Тоа не е правна држава! Овие луѓе се третираат како воени заробеници. Да бев премиер, ќе размислував што ќе правам. Не е лесно. Ова е на граница на воениот закон. Тие се третираат како заробена единица, рече тој коментирајќи го испраќањето на сите хрватски навивачи во истражни затвори низ Грција.

Милановиќ додаде дека за такво можно сценарио зборувал пред неколку дена.

Претходна вестДа се намали бројот на пратеници и министри во Македонија
Следна вестАнгелов: Дрвокрадците намерно палат шуми за да дојдат до поевтини дрва