Уште едно лице е приведено во случајот со убиството на матичниот лекар во Железара, информира денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За време на денешниот престој во Струмица тој соопшти дека сега вкупно се приведени три лица.
-Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во доцните часови. Се продолжува со други истражни дејствија, се со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Така што, за нови дополнителни информации, јавноста ќе биде дополнително известена, рече Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој синоќа откри дека две лица за кои постои сомнеж дека се вмешани во убиството на лекарот од Железара се приведени. Според него, било утврдено дека мотивот за убиството не е поврзан со професијата која што ја обавувал убиениот лекар.
-Во овој момет се постапува по наредба од судија во претходна постапка и се врши претрес на одредена локација. Има осомничени за предметниот кривичен настан. Има материјални докази кои не водат до овие дејствија. Две лица се приведени и се надевам дека наскоро ќе можеме да излезе со конкретни информации. Се надевам дека во утрешниот ден јавноста ќе биде известена за овој случај, преземени дејствија на МВР како и од јавниот обвинител, рече Тошковски.
Лекарот Ацо Трпковски беше најден избоден и искрварен на паркинг пред поликлиниката Железара на 21.03.2023. Итната помош констатирала смрт на 67-годишниот колега.