Македонската филхармонија го најавува концертот „Езотерија“, кој ќе се одржи овој четврток (11.04.2024) со почеток во 20 часот, а на кој како виолинист, но и како диригент, настапува прочуениот Сергеј Крилов.
Заедно со Крилов (1970), кој се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација и веќе одамна етаблиран и како диригент, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе: Симфонија бр.1, оп. 25 -„Класична“, најпопуларната симфонија од Сергеј Прокофјев, потоа Концертот за виолина и оркестар бр. 1, оп.26 во g-moll, најизведуваното и најпознатото дело од Макс Брух, како и романтичарската Четврта симфонија на музичкиот „Прометеј“ – Лудвиг ван Бетовен.
Концертот „Езотерија“ ќе донесе комплексна програма и уникатен начин на работа, со маестрален уметник како што е Крилов, а каков што ретко слушаме на нашата музичка сцена.
Сергеј Крилов (1970, Москва) се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација. Тој е веќе етаблиран и како диригент, а особено значајно во неговата кариера е неговата функција како директор на Литванскиот камерен оркестар со кој редовно ја презема двојната улога на солист и диригент. Настапувал на сите значајни концертни подиуми, меѓу кои и со Берлинската и Минхенската филхармонија, виенскиот „Музиквереин“, Театарот на Елисејските Полиња во Париз, Академијата „Санта Чечилија“ во Рим, „Ла Скала“ во Милано, ширум Русија, во Европа, Кина… Како што и самиот често истакнува, од уметниците со коишто соработувал огромно влијание врз неговиот уметнички живот извршил славниот виолончелист Мстислав Ростропович. Тој, пак, ќе изјави: „Сергеј Крилов е еден од петте најдобри современи виолинисти“.