Продолжува собраниската расправа за францускиот предлог, продолжуваат и протестите

Денеска во македонскиот парламент ќе продолжи вчера започнатата расправа за францускиот предлог, односно за Информацијата на Владата за содржината на Предлог-преговарачката рамка. Расправата започна вчера попладне но до крајот од работниот ден во парламентот се обратија само премиерот Димитар Ковачевски и неколкумина пратеници. Се работеше во тензична атмосфера на свирежи и навикувања. Денеска за збор се пријавени вкупно 42 пратеника што значи дека е прашање кога ќе заврши расправата.

Во обраќањето премиерот Ковачевски рече дека предлогот ги задоволува македонските барања.

-Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех, истакна премиерот. Билатерални прашања не се дел од Преговарачката рамка со Брисел и таа е ослободена од ваков тип на прашања, рече Ковачевски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со вувулзели, труби и свирки правеа бука за да не може да се чуе што говори премиерот и држеа транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“. Опозициските пратеници порачаа дека нема да дозволат уставни промени а дел од нив го искинаа и запалија францускиот предлог.

-Доста си игравте со Македонија. Слушнете го гласот на народот. Зошто и го прават ова на државата и народот и државата кога знаат дека почеток за преговори нема да има. Дојдоа со агенда за живот и економија, а се занимаваат со продажба на најсветото, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Пратениците треба да гласаат за заклучоците со кои на Владата и се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.

Напоредно со ова, и денес пред зградата на Собранието ќе има протест против францускиот предлог за укинување на бугарското вето и деблокирање на преговорите за европска интеграција на Македонија. Организаторите најавија нов протест за денес во 11 часот, при што ќе биде блокиран булеварот пред законодавниот дом.

Претходна вестВо скопската Зоолошка градина се колеле запленетите коњи, МВР уапси пет лица, сменет директорот Стаменов
Следна вестПочина Ивана Трамп, првата сопруга на Доналд Трамп