Архитекти од Јапонија, Холандија и САД ќе се соберат во Скопје од 21 до 23 октомври на тема моќта на урбанизмот и архитектурата – 55 години по планот на Кензо Танге за Скопје. Организацијата е од страна на Архитектонскиот факултет при УКИМ во рамки на одбележувањето 70 години од неговото основање. Настанот е насловен „Проект Скопје“.
По разорниот земјотрес во 1963 година, кој остави повеќе од 80 отсто од зградите во урнатини, Обединетите нации вложиле исклучителен напор за реконструкција и редизајн на Скопје, поканувајќи во обновата да се вклучат голем број светски архитекти, меѓу кои Кензо Танге од Јапонија, Јап Бакема и Ван ден Брук од Холандија како и Константин Доксиадис од Грција. Нивните проекти биле потврда на идејата дека модерните градови и општествата можат да бидат проектирани и реконструирани преку идеи и концепти кои се својствени на архитектурата и урбанизмот, а притоа и се длабоко хуманистички.