Промената почнува од внатре, од себе

Колумна на Заге Филипоски:

 

Господине низаеден,

(познатата изрека на Цацко, одраз на македонското секојдневие)

Секогаш кога се развозувам низ нашата Македонија се обидувам запирањето и со тоа и зголемена потрошувачка на гориво на многубројните попатни наплатни рампи (популарни патарини) да го искористам на корисен начин. Следејќи ги популарните техники за вежбање на нови навики со кои би ги замениле своите стари и лоши навики се обидувам кон вработените во наплатните куќички да се обратам на љубезен начин и со почит. Со таа цел неизоставно им персирам и користам изрази за кои сакам да ми влезат во навика. Но што се случува со овој мој обид за самоподобрување? Во голем број случаи соговорниците се сепнуваат кога ќе ги слушнат несекојдневните зборови, “Ви посакувам убав ден“ на пример. Другото мое согледување е дека едноставно некои од соговорниците те мотивираат да им персираш, на некои едноставно и покрај сериозната намера не успеваш да им персираш и им се обраќаш многу колоквијално. А токму тоа е мотивот за споделување на ова пишување (писание). Поточно, прашањето: Која е причината? Дали нашето однесување влијае како другите луѓе не перципираат, сфаќаат и како тие ќе се однесуваат кон нас и со нас?

Зошто би го правел тоа? Многу едноставно, во Хрватска одиш на улица или на пазар и слушаш како луѓето се поздравуават, многу срдечно, со одредена доза на дистанца, и со многу почит кон соговорникот, неизоставно слушаш “Хвала лепо“, “Молим лепо“, “Господине/Госпоѓо“ и секогаш е тоа изговорено со многу почит и достоинство, “на нивоу“.

Почитувајќи ги другите, се почитуваме и себе си, поточно ги предизвикуваме и другите нам да ни се обратат со почит. Го градиме сопственото достоинство преку почитување на достоинството на другите. Веројатно, така се гради и достоинството на нацијата. Луѓето се производ на опкружувањето и го имитираат однесувањето со кое се опкружени, исто така и комуницираат. Истото се случува и со нашите и со децата на соседите. Доколку се однесуваме кон нив со почит, тогаш ги учиме на почит и достоинство. Не можеме да очекуваме другите да се сменат ако самите не се подобриме.

Промената почнува од внатре, од себе, така велат. А јас се обидувам да бидам само малку подобар од вчера. Следно на репертоар ми е еден архаичен малку подзаборавен збор – “сполајти“ Скопско Ехо.

Претходна вестСпречен шверц на над четири тони месо од дивеч, ризичен по здравјето на граѓаните
Следна вест„Златна бубамара“ за животно дело на Драган Мијалковски