Спречен шверц на над четири тони месо од дивеч, ризичен по здравјето на граѓаните

Контрола на инспектори на граничниот премин ,,Табановце” вродила со плод. Мобилен тим на Секторот на контрола и истраги спречил шверц на 4,4 тони месо од дивеч ризичен по здравјето на граѓаните, што возач на камион во сопственост на грчка фирма сакал да го внесе во државава, информира Царинската управа.

Месото од дивеч во вредност од 4 милиони денари, ниту било декларирано во царинската декларација ниту пак превозникот за него имал соодветен сертификат, и дозвола од соодветна надлежна институција Агенција за храна и ветеринарство. Во царинската декларација стоката е декларирана како „пластични палети и подвижни метални рафтови“ со вредност од 3.750 евра или само 5,6 проценти од вкупната вредност на стоката.

На терминал на граничен премин ,,Табановце”, инспектори со скенер извршиле контрола која што покажала дека во возилото освен декларираната стока има и друга стока која не е опфатена со царинската декларација. По отворање на возилото во 29 пластични палети е пронајдено замрзнато месо од разен дивеч, зајаци, фазани, еребици, за кои не поседувал никаква документација.

Против сторителот е поднесена кривична пријава заради прекршување на Кривичниот законик.

Заштита на здравјето на граѓаните и безбедноста на општеството е еден од клучните приоритети на Царинската управа, додаваат од оваа институција.

Претходна вестЗа 3.200 вработени во УКИМ се изнајде решение за зголемување на нивните плати, вели министерот Велковски
Следна вестПромената почнува од внатре, од себе