Промоција на „Просто и строго – Конески“ од Антоновски ги обедини генерациите

Во книжарницата на „Матица македонска“ беше помовирана книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Со тоа се одбележуваат 30 години од физичкото заминување на македонскиот великан Блаже Конески.

Многубројна публика дојде да го види и слушне новото исчитување на книжевното дело на Блаже Конески, остварено од Антоновски.

-За нас, сега е важно, како што имаше обичај да каже Атанас Вангелов, секако барајќи го релевантното во лингвистиката и во поетиката, дека во Иван Антоновски имаме доследен следбеник на идеите заложени во целокупните дела на Конески, беше посочено на настанот.

Професорот Венко Андоновски се осврна на „Просто и строго – Конески“ од Антоновски од книжевно-научен аспект.

-Оваа книга на Иван Антоновски, посветена на творештвото на духовната вертикала на дваесеттиот век, Блаже Конески, идеално ја отсликува тезата дека добри научни студии не се оние што инсистираат на точни одговори, туку оние што поставуваат точни прашања. Служејќи се со еден модел на компаративна критеристика (методологија), Антоновски покажува висок степен на научна акрибија, in extenso, и што е најважно – фрла нова светлина врз феноменот Конески од една нова генерација проучувачи, на кои естетско-методолошкиот плурализам им е основна гносеолошка алатка за читање на традицијата, нагласи Андоновски.

Во кус разговор меѓу него и авторот Иван Антоновски на сцената беше посочено и дека во некои претходни времиња Конески и не бил до крај разбран од своите современици, но дека денес многу поголемо прашање е колку е вистински разбран и во нашето современие.

-Имаме уште многу што да доисчитаме, уште многу непознато што треба да го дооткриеме за да можеме да кажеме дека вистински сме го запознале Конески. И тоа е обврска на секоја генерација! Затоа се надевам дека оваа книга е достоен прилог за одбележување на годишнината, но и влог од мојата генерација, порача Антоновски.

Претходна вестТројца мигранти загинати во престрелка кај српско-унгарската граница
Следна вестПочна реконструкција на пешачки патеки и тротоари во Ново Маало, Водно и Буњаковец