За денес во 18 часот е најавен собир пред македонското Собрание, за поддршка на познатиот адвокат Тони Менкиноски кој доби пријава (ќе му се суди) затоа што го развеа знамето со сонцето од Кутлеш во Охрид во знак на поддршка на уставобранителите на 27 април годинава. Протестот е организиран од организацијата „Сончева Македонија“.
– Ве повикуваме сите освестени Македонци да го истакнате шеснаесетзрачното сонце на видливо место во своите живеалишта и куќи како знак на самопочит и отпор кон европскиот, грчкиот и домашниот фашизам и фашисти.
Сите оние кои ни се обратија со прашање зашто само во Скопје организираме настан во знак на поддршка на Менкиноски, може да се организирате самите во вашите градови, а доколку не можете, истакнете го знамето. Секој од нас може да искаже поддршка на овој начин.
Да престанеме да чекаме друг да не организира и друг да ја води борбата за нас, велат од организацијата.
Инаку, Менкиноски останува цврсто на ставот дека Сонцето од Куклеш е дел од македонскиот идентитет, и дека треба да го има секаде низ Македонија.
– Шеснаесет кракото сонце од Кутлеш е дел од македонскиот идентитет! Да го вратиме каде што му е местото и повторно да ја краси убавата македонска земја, вака Менкиноски преку социјалните мрежи ја образложува својата борба.
За потсетување: во текот на јуни во Охридскиот суд ќе започне судење на адвокатот Тони Менкиноски чие знаме со сонце од Кутлеш беше поставено на 27 април, годинава, во Охрид, на местото Долна Порта. На адвокатот ќе му се суди за нарушување на јавниот ред и мир.
Адвокатот познат по тоа што ги застапува Македонците во Бугарија пред Судот за човекови права во Стразбур поседува 40-метарско знаме со „Сонцето од Кулеш“, а еднаш веќе беше во конфликт со полицијата откако за време на празникот Богојавление го постави на Самоиловата тврдина. Менкиноски тогаш доби прекршочна пријава за нарушување на јавен ред и мир.
Менкиноски сам се пријавил во охридската полиција дека е одговорен за поставувањето на знамето. Тој ја презема целата одговорност за настанот и тврди дека овој случај не може да биде третиран како нарушување на јавниот ред и мир, оти од него никој не бил вознемирен.