„Училница без книга како тело без душа“, „Референдум против донесувањето на законот за учебници“, „Како родители заедно можеме многу“, „Стоп за родова и полова сензитивност“, „Стоп за воведување сексуално образование“, „Стоп за укинувањето на историјата како предмет“…беа само дел од пораките кои се испратени на денешен протест кој го организираше граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“. Граѓаните оргенизирани во оваа иницијатива се противат на донесувањето на новиот Законот за учебници, со кој меѓудругото се предвидува дигитализација на учебниците. Освен во Скопје протестите се одржаа и во повеќе други градови во земјава: Прилеп, Битола, Струмица, Куманово, Свети Николе, Штип, Тетово…
– Покренуваме иницијатива за стопирање на овој закон со протести, а потоа иницијатива за референдум против законот, изјави Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ во најавата за протестите.
Министерството за образование и наука денеска соопшти дека причината за протестите не е оправдана.
-Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества, се вели во соопштението.