Заев: Можеме денеска да кажеме стоп на легализацијата, но тоа значи дека од утре ќе треба да се срушат 50.000 домови

Законот за легализација на дивоградбите се носи за да се спасат преку 50.000 домови на граѓани кои живеат под прагот на сиромаштијата, изјави денеска македонскиот премиер Зоран Заев. Тој одговараше на новинарски прашања поврзани со одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на овој закон бидејќи е спротивен на уставните принципи. Заев рече дека ако се запре легализацијата тогаш ќе се дојде во ситуација да мора да се уриваат околу 50.000 дивоградби.

-Ова е последно носење закон со конечна цел, да заврши бесправното градење од независноста на државата, па дури и претходно, за време на поранешна Југославија. Единствената порака што треба да се испрати е дека не се исплаќа да се гради на диво. Што да правиме со граѓаните кои имаа право 8 години да ги легализираат објектите, но немаа пари? Немаа можност да платат елаборати, а правото законско им беше дадено. Можеме денеска да кажеме стоп на легализацијата, но тоа значи дека од утре ќе треба да се руши. Мора да се срушат 50 000 домови. Таа е одлуката пред која сум исправен јас, градоначалниците, и сите. Ќе ги срушиме овие домови или ќе дадеме можност да се легализираат, со тоа што велиме дека овој пат сите ќе платат 50 отсто повеќе, сите што не се под прагот на сиромаштијата, потенцира премиерот.

Врзано со законската одредба која предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти, Заев рече дека не може сите да легализираат, а некој кривично да одговара.

-Кога се носи вака одлука да се даде шанса преку 50 000 куќи да се легализираат, тогаш не можете тие претходните кривично да ги гоните. Не е уставно. Ако алудирате на Јакимовски тој има три кривични дела, двете кривични пријави немаат врска со легализацијата, а во едната има повеќе од три обвиненија, до кои едното е само за легализација. Така што дефинитивно кога предлагате како институции ги гледате соодветно поставеностите. Не може сите да легализираат, а некој кривично да одговара, и тој може да ја продолжи постапката за легализација кога носите вакви одлуки, рече Заев.

На новинарско прашање дали државата на овој начин го стимулира градењето на диво, Заев рече дека затоа се предвидени поскапи комуналии и законот не ги опфаќа станбените згради.

Премиерот рече дека Законот повторно ќе се врати во Собранието и дека ќе се земат предвид сите околности, посебно забелешките на претседателот.

Претходна вестГраѓани не можат ни четиричасовниот полициски час да го преседат мирно
Следна вестПротести против новиот закон за учебници, се бара референдум