Протестира судската администрација, од 1 септември генерален штрајк

Протест на којшто е најавен генерален штрајк од 1 септември одржуваат денеска вработените во судските администрации. Тие бараат да им се врати исплатата на додатоците на плата коишто се укинати со истиот член кој им овозможи зголемување на платите на избраните и именуваните лица од 78 отсто. Се бара и нов закон за независен судски буџет и нов закон за судска служба.

-Најавуваме генерален штрајк од први септември. Ќе блокираме и улици и нема да може од наши средства да се полни буџетот. Нема да се вадат ни уверенија за неосудуваност, ни за трето дете, да видиме каде одат овие пари, рече Јасмина Величкова претседателка на Независниот синдикат на судската администрација.

Судските административци кажаа и дека се против усвоеното покачување на платите за само 10 отсто, а не се согласуваат ни со К 15 во висина од десет илјади денари. Величкова објанси дека сега има огромни разлики во плати во судовите при што соодносот меѓу платата на едне службеник и судија е 1:5.

Рената Георгиевска потпретседателка на Здружението на судска администрација побара менување на законите на начин кој ќе одговара на должностите, правата и одговорностите што ги има судската администрација.

– Апелираме и бараме поддршка од Судскиот совет, Судско-буџетскиот совет и Здружението на судии да издејствуваат донесување на нов закон за судски буџет со кој судската власт ќе има самостоен буџет и донесување на нов закон за судска служба со кој статусот на судската служба, рече Георгиевска.

Претходна вестКај 52-годишен прилепчанец пронајдена дрога и вага
Следна вестБугарската мафија краде автомобили на туристи во Грција, Македонците и Србите најчести жртви