Протестираа здравствените работници: Се бараат поголеми плати и нивно усогласување со минималецот

Редовна исплата на плати, нивно покачување и усогласување со порастот на минималната плата побараа на денешниот протест здравствените работници во земјава. Барањата се искажани на протестите во круготна Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, Градската болница „8 Септември“ и други здравствени установи во земјава. Главното барање е да биде потпишан Колективен договор за порамнување на платите според последната корекција на минималецот од лани, како и за неисплатениот регрес.

Членовите од Синдикатот на Клиничкиот центар порачаа дека овој протест е израз на незадоволство оти за три години платите на здравствените работници биле покачени за само пет отсто

-Тука сме да го изразиме незадоволството поради доцнењето на платата. Продолжуваме со притисокот, незадоволни што се уште не е потпишан анексот за покачување на платите во здравствената дејност. Тоа е основата на протестот, да го свртиме вниманието на надлежните, информираше Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Синдикатот на Клинички од Владата побара состанок на кој би се договориле кои би биле следните чекори и како би се реализирале покачувањата, со оглед на најавеното зголемувањето на минималната плата од март.

-За една година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра. Еден искусен технички персонал со подолг стаж ќе зема поголема плата од медицинска сестра. Да не бидам погрешно разбрана, дефицитот не е само во здравствените работници туку и во другите профили, изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.

Согласно податоците од Комората на лекари, 2.200 лекари во последните три години ја напуштиле државата, а во последните пет до шест години пет до шест илјади медицински сестри заминале во странство.

Претходна вестПросечната плата за декември стаса до 34.364 денари
Следна вестБраво: Малиот тетовски генијалец Македон освои нов меѓународен медал