Протестни блокади пред Владата и МНР: Да се сплотиме против Заев за да победи Македонија

Нови барања за оставка од премиерот Зоран Заев и неотстапување од македонскиот идентитет и од македонската историја се упатија денеска од протестната блокада на објектите на Владата и на МНР од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Владо Мисајловски, партискиот потпретседател на протестот пред МНР рече дека ова не е партиски протест туку македонски протест.

Оваа борба, оваа битка не е суво политиканство, оваа борба се вика Македонија. Сите треба да се сплотиме против непријателот Заев за да победи Македонија. Гледаме дека целата влада е скриена, скриени и се и не коментираат за овие прашања зошто е оставено се на Зоран Заев да распродава. Ние треба сите заеднички да се сплотиме против овој непријател кој секој ден излегува лаже по телевизии и се додворува на странските држави. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде со народот на улицата и само така ќе ја имаме победата, затоа да не се предаваме и остануваме сите заедно додека Заев не се повлече и не победи Македонија, додаде Мисајловски.

Обраќајќи им се на граѓаните пратеничка Гордана СилјановскаДавкова порача дека граѓаните денеска излегле на проттест за да ја одбранат Македонија од вирус кој ги напаѓа националните интереси, а се вика Зоран Заев.

Македонците не се без корен. Република Македонија има длабоки корени во минатото. Името Македонија се споменува и во Библијата. Оваа држава не може никој да ја уништи, нејзината историја е длабока што не може ниту еден договор да ја избрише. Македонците како и сите народи имаат право на своја историја, свој јазик и свој идентитет. Срамота тоа што го говори владата и Заев. Македонскиот народ нема да дозволи веќе Зоран Заев да ја понижува и распродава државата, потенцира таа.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов ги повика граѓаните да им се приклучат.

Затоа ве повикуваме и понатаму да ни се приклучите, да ставиме крај на предавствата, масовно да ја блокираме Македонија и на улица и институционално, рече тој.

Претходна вестСкопските и општинските инспектори ќе делуваат како еден тим против нередот и загадувањето
Следна вестМлад маж најден починат кај Бит пазар