Прв ден се спуштија температурите во Скопје и оп – почна да се чуствува дека воздухот е загаден. Гланиот македонски град денеска околу пладне беше на 17-то место на листата на Iqair.com/ на градовите во светот според загаденоста на воздухот со индексот 95 и со забележително присуство на штетните ПМ2,5 и ПМ10 честички.
Загрижувачко! Опоменително!
А тек ни следи подлабока есен, па зима со магли… Големите загадувачи – печките на дрва и на јаглен, котлите на нафта и на мазут по бројни државни, градски и општински институции, ги надополнија загадувачите од типот на издувни гасови од стари возила, градежната прашина, запалените депонии…
Британски весник „Гардијан“ минатиот месец го опиша Скопје како еден од најзагадените европски градови и во кој „воздухот мириса на изгорена пластика“.
Што до сега се направи за да се намали аерозагадувањето во текот на претстојните зимски месеци? Од надлежните во Владата, во Градот Скопје, во општините… не се слушна за некој позначаен потег. А беше ветувано при крајот на минатата зима.
Вчера, граѓанската иницијатива Зелен хуман град, која што во Советот на Скопје има двајца советници предложи неколку мерки за да се заштити воздухот во метрополата – замена на греењето со нафта, дрва, јаглен, стеснување на сообраќајниците, забрана на пластични прибори во градските јавни набавки, повеќе еколошки инспектори, субвенции за фотоволтаици… Дали предлозите ќе бидат прифатени во Градскиот Совет останува да се види иако е јасно дека ова требаше да се види многу, многу порано.
Инаку, гасификацијата на градот која се смета како еден од најдобрите излези од загадувањето се помалку се спомнува. Не се прават проекти за поврзување на домаќинствата, нема доволно проекти за замена на котлите на нафта и мазут по јавни установи, нема веќе значителни субвенции за граѓаните за да ги заменат печките на дрва, градот и натаму е валкан и полн со градежна прашина, а воздухот дополнително го трујат ауспусите на старите возила кои се уште ги има многу по градот. Палењето на диви депонии е посебна приказна.
Не се спомнува ниту, пак, формирање на интерресорски групи коишто би предложиле мерки, ниту се прават планови и проекти кои етапно би се спроведувале. Загадувањето еве почна, ама растрчаноста таа да се намали како да не е почната.
Но, може надлежните добиле временска прогноза која предвидува дека оваа есен и зима ќе бидат ветровити и се ќе си се реши на природен начин? Еколошки.