На денешен ден во 1991 година, од тогашните пратеници во Собранието на Социјалистичка Република Македонија предводено од Стојан Андов, со 83 гласа за, 17 против и 3-ца воздржани била изгласана првата самостојна Влада на чело со премиерот Никола Кљусев. Таа била составена од истакнати експерти кои не биле дел од ниту една партија, барем така се декларирале.
– Ние имаме само една надеж да опстоиме на балканската ветрометина и да го заштитиме веќе прифатениот суверенитет на македонската држава, да ги изградиме регулативните механизми и да станеме борци, втемелувачи и визионери за идните влади кои од своја страна ќе ги продолжат оние појдовни премиси кои сакаме денеска како Влада да ги втемелиме, изјави своевремено Кљусев на седницата во собранието пред и официјално да биде прогласен за премиер на првата Влада на Македонија.
Покрај него, за вицепремиери биле избрани Блаже Ристовски, Јован Андонов и Бекир Жута, како и министрите на 15 министерства и тројца без ресор.
По воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, со изборот на експертската Влада на Кљусев бил комплетиран циклусот на конституирање на новата власт на Социјалистичка Република Македонија.
Во текот на мандатот бил одржан референдумот за независност, поточно прогласувањето на независност на Македонија, а усвоен бил и Уставот на Македонија кој претставува највисок правен акт со кој се дефинира државното уредување.
Сепак, поради меѓу партиски несогласувања владата на Кљусев не траела долго. По една година и пет месеци, македонското собрание изгласало недоверба на оваа влада по што на 17 август 1992 година истата била разрешена.
Тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, откако предложил неколку политичари кои би можеле да го преземат мандатот, официјално функцијата мандатор за формирање на нова Влада му ја доделил на Бранко Црвенковски. Па така на 4-ти септември 1992 година била изгласана и првата политичка Влада на Република Македонија.
Оваа партиска Влада го доврши мандатот на претходната експертска и владеела цели 6 години се до парламентарните избори кои биле одржани на 18 октомври и 1 ноември 1998 година.