Првиот патнички авион од Киев слета на скопскиот аеродром. Украинската авиокомпанија „Виндроуз“ отвора нова редовна авиолинија Киев – Скопје.
-Од почетокот на пандемијата со Ковид-19, која силно го погоди македонскиот авиосообраќај, отворањето на новата дестинација до Киев и влезот на новата украинска авиокомпанија ‘Виндроуз’, се првите позитивни чекори кон закрепнување, истакнаа од ТАВ Македонија
Авионот од типот Ембраер 145 полетал од главниот град на Украина утрово во 9:50 часот, со 50 патници, а слета во македонскиот главен град во 12 часот на пладне, поврзувајќи ги двата главни града за само 2 часа и 10 минути.
„Виндроуз eрлајнс“ ќе лета од Киев до Скопје два пати неделно, во недела и во четврток, со исто време на полетување и слетување – заминување од Киев во 9:50 часот – пристигнување во Скопје во 12 часот; заминување од Скопје во 12:50 часот – пристигнување во Киев 15:10 часот..
Според најавите на компанијата, летовите од Киев до Скопје ќе функционираат во текот на целата зимска сезона, како и во текот на летната сезона во 2021 којашто почнува кон крајот на март.