Пукал со пиштол и напаѓал други лица на Бит Пазар, притворен 33-годишен скопјанец

Едно лице е приведено по инцидентот што вчера го предизвикало на скопски Бит Пазар, соопшти полицијата.

Во текот на вчерашниот ден од страна на Единица за насилен криминал-ОКСД при СВР Скопје до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава по брза постапка против И.Р.(33) од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил неколку кривични дела, и тоа: „Предизвикување општа опасност” предвидено и казниво по член 288, “Насилство” предвидено и казниво по член 386 и “Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали”, предвидено и казниво по член 396 од Кривичниот законик.

Тој бил лишен од слобода непосредно по добиена пријава дека на 06.12.2023 околу 18.00 часот на подрачје на Бит Пазар, од пиштол испукал неколку куршуми во воздух и физички го нападнал Е.А. При преглед во возилото „ауди“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени пиштол калибар 9 мм со рамка со 13 куршуми и уште една рамка со 17 куршуми.

На пријавениот И.Р. од страна на судија на претходна постапка му е определена мерка притвор од 30 дена.

Претходна вестСинот на Бајден може да добие до 17 години затвор, обвинет е за даночно затајување
Следна вестКрадец се засолнил во училиште во Ново Лисиче, настанала паника