Драматично предупредување вчера испрати Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа: Има епидемија на смртност на работните места! Лани дури 25 лица починале на работното место, 30 здравствени работници починале како последица од Ковид-19, бројките се уште позагрижувачки ако се додадат и податоците за бројот на несреќи на работни места од Институтот за јавно здравје и Трудовиот инспекторат, алармира Петковски на одбележувањето на Светскиот ден на заштита и безбедност при работа. Состојбите, безбедност при работа, очигледно, не се подобрува. Стапката на смртни случаи е 3 до 4 починати работници на 100.000 вработени, како и лани.
Дали овие бројќи предизвикуваат да вришти аларм во инспекциите, кај работодавците, кај синдикатите…?
Јасно е дека не се превземаат соодветни заштитни мерки, дека нема доволна контрола на тоа дали мерките се почитуваат во фирмите. Да ги имаше, да се почитуваат, не би требало да има загинати и повредени работници бидејќи прописите колку-толку ја предвиделе потребната заштита.
Едноставно, потребна е доследна примена на мерките и средствата за заштита и контрола на тоа. А дали тоа се прави доволно? Тоа е прашање на кое треба првествено да одговорат од Трудовата инспекција, од разните здруженија на работодавци, од Сојузот на синдикатите…
Колку пати во јавноста се слушнал нивниот глас околу ова: Колку пати јавно предупредувале дека безбедноста на работниците е на ниско ниво? Малку. Зарем само ќе ги бројат починатите работници, тоа ќе го стават во статистика и толку?