Има ли воопшто некој што навистина ги поддржува реформите на Царовска?

Реакции на големите промени кои се наметнуваат во образовниот систем на Македонија не запираат. Фрчат забелешки од сите страни.

А се почна кон крајот на минатата година кога Министерството за образование и министерката Мила Царовска излегоа со предлогот на Нацрт-концепцијата за промени во основното образование, продолжи околу полагањето на матурата, а кулминира сега со предлогот да се воведат и електронски учебници. Скоро да нема недела нешто да не се најави дека ќе се укине, реформира, смени…, а тоа се прави набрзина и треба да профункционира од септември.

Сега се собира петицијата против неподготвената смена на учебниците во електронски учебници, се случува бојкот на наставата од страна на учениците, се најавуваат и протести…

А пред тоа, реагираа сите релевантни институции поврзани со образованието и науката. Реакциите се речиси исти: се смета дека промените се избрзани, неподготвени, дека е потребно да се стопираат, да се прават на поинаков начин…

Реакции на скоро сите релевантни иституции

Така беше од самиот почеток, отако се предложи укинувањето на Историја и други предмети, нивно спојување во еден, заедничко оценување од страна на повеќе наставници… Филозофски факултет, кој е легло од каде започнало македонското образование, тогаш соопшти дека нема докази дека интегративниот пристап ќе го зголеми квалитетот на образованието.

-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија од овој факултет.

Од Педагошкиот факултет во Скопје, исто така, предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.

-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.

Се огласија и професори од Природно-математичкиот факултет кои ги држат предметите Методика и и порачаа на министерката Царовска дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.

Претходно реагираа и од Институт за национална историја:

 -Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, Концептот треба да се повлече, побараа историчарите.

Дури и молчаливата МАНУ прозборе

 И од највисоката научна институција во земјава – МАНУ дојде предупредување.

– Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во соопштението на акдемците.

Првиот академик Љупчо Коцарев беше директен:

-Реформите на Министерството за образование и наука имаат за цел да го избришат предметот историја и да се заборави на неговата улога во воспитно-образовниот процес.

Сите членови на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје порачаа дека е „неприфатливо да не се консултира науката со целиот нејзин капацитет“. Институт за географија и Македонско географски друштво соопштија дека се убедени дека патот кон квалитетно образование првенствено „треба да тргне од поинаков агол и залагања“.

Реагираа и академците од Лингвистичко одделение на МАНУ, историчарите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, катедрата за педагогија…. Сите нивни реакции укажуваат дека така предложената концепција не може да се надоградува и да се даваат предлози.

И г.г. Стефан се огласи

А сега најново е дека вчера регираше и архиепископот г.г. Стефан кој во Велигденското послание порача дека реформите на ваков начин се неприфатливи.

–Во образованието, во форма на некакви чудни реформи, од кои е исклучена објективната јавност, се прифаќа менувањето на нашиот историски, културен и духовен идентитет, предупреди тој.

Очигледно е дека промените кои ги предлага МОН и министерката Царовска ја немаат потребната општествена поддршка. Односно како да немаат воопшто поддршка. Но, и покрај тоа, тие се упорни во нив и се повикуваат на мислењата на помал број на поединци.

До каде ќе одведе сето тоа останува да се види. Но, јасно е, во целиот хаос што настанува, најголеми губитници ќе бидат образовниот систем кој е многу важен за една држава и секако децата кои се иднината на Македонија.

Сето тоа може да се спречи со стопирање на најавените реформи и нивно ново осмислување и спроведување. 

Претходна вестРаботодавците, инспекциите и синдикатите само ќе ги бројат починатите работници на работно место?
Следна вестЗаев: Предлогот за државјанствата што го добивме не е она што го договаравме со Села и Гаши