Рајко Жинзифов учел од големите браќа Миладиновци и пишувал сеќавања за нив, пишувал поеми…

Бил сестран деец — македонски публицист, преродбеник, преведувач и собирач на народно творештво. Да, тоа е краткиот опис за Рајко Жинзифов, роден на денешен ден, пред 185 години, на 15 февруари 1839 година. Роден е во Велес како Ксенофонт Ѕинѕифи бил потомок во влашко семејство по потекло од Москополе (јужна Албанија). Татко му имал завршено медицински факултет во Атина, но работел како грчки фанариотски учител во Велес.

Големата промена кај Рајко се случила кога имал 17 години, тогаш се вработил во Прилеп како помошник-учител на многу познатиот македонски преродбеник Димитар Миладинов. Подоцна продолжиле да дејствуваат во градот Кукуш, каде тој и Миладинов развиле голема преродбеничка дејност. Таму, под влијанието на Миладинов, го променил грчкото име во словенско – Рајко Жинзифов.

Подоцна тој заминал за Русија и се запишал на Историско-филозофскиот факултет во Москва, каде се движел во кругот на македонските студенти и, покрај учењето, се занимавал со писателска, преведувачка и публицистичка дејност. Во Русија упатства и заштита му пружил Константин Миладинов. Но, осумнаесетте последни години од својот живот, Жинзифов ги поминал во борба со немаштијата како емигрант во Русија.

Неговото познанство со браќата Миладиновци резултирало со пишување на нивната биографија. Уште во московскиот седмичник „Ден“, во броевите од 17 ноември до 1 декември 1862 година, под псевдонимот „Велешанин“, тој ги објавил своите сеќавања за браќата Миладинови, во форма на впечатоци и спомени од личните контакти. Во Москва, во 1863 година ја издал својата прва и единствена стихозбирка која содржи негови песни, како и препеви од руски, украински и чешки јазик.

Жинзифов пишувал песни од кои посебно се значајни „Глас“ и „На Велигден“. Тој ја напишал и поемата „Крвава кошула“, издадена во 1870 во Браила, Романија на македонски јазик. Современиците на Жинзифов сметаат дека оваа поема ја напишал уште во Македонија, некаде во 1857 година. Во поемата се осудува турската тиранија и се опишува неподносливиот живот на нашите луѓе под турско ропство. Пишувана под силно влијание на украинските песни на Тарас Шевченко, поемата „Крвава кошула“ опишува вистинска случка за една мајка која, откако Турците ѝ го убиле единствениот син, ја донела неговата крвава кошула в град за да му ја покаже на народот во црковниот двор. Тој, исто така, го напишал и првиот расказ во македонската литература: „На Прошедба“. Починал на својот 38 роденден, на 15 февруари 1877 година.

Претходна вестНови информации за сообраќајката во Чешиново каде загинаа две лица
Следна вестВремето денеска: Сончево со мала облачност и со северен ветер