Раководните лица на државните институции коишто се финансираат од буџетот сами ќе решаваат за нови вработувања кои ќе се прават според плановите. Ова промена денеска на брифингот со новинарите ја најави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој рече дека за ова да стапи на сила прво ќе треба да бидат донесени Законот за буџет и Законот за извршување на буџетот.
Новите вработувања ќе се прават во согласност со годишниот финансиски план и прегледот за вработувања.
Досега сите јавни институции бараа согласност за Годишен план од Финансии, МИОА или Политички систем, потоа Финансии мораше да даде известување за обезбедени финансиски средства, познато како ,,согласност” за вработување, па дури потоа институцијата објавуваше оглас.
За да оствари ново вработување, раководителот на институцијата ќе треба да достави изјава до Агенцијата за вработување или до Агенцијата за државни службеници во која под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека во буџетот на институцијата се обезбедени средства за новото вработување.
Со ова, според министерот за финансии, се поедноставува постапката за процесот на вработување во јавниот сектор, а контрола на процесот на вработувањето ќе бидат финансискиот план и прегледот за вработувања кои претходно секоја година ќе ги одобрува Владата. Евентуалните злоупотреби ќе можат да ги пријават и самите вработени, а за погрешна изјава раководителот ќе биде гонет од јавното обвинителство и судовите.
Во април годинава министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу соопшти дека бројот на вработени во јавниот сектор во земјава во 2022 година изнесувал 129.374 лица, вработени во 1354 институции. Тоа е за 2.714 вработени помалку отколку во 2021 година. Но, уште отпорано е констатирано дека бројот на вработените е преголем отколку што се реалните потреби, а што се должеше на бројните вработувања зад кои стоеа партиски влијанија.
Оттаму и прашањето, дали годишните планови и прегледи за нови вработувања ќе бидат доволна заштита од евентуалните злоупотреби на раководителите при нови вработувања. Односно, дали ќе бидат доволно разработени доволни механизми за заштита од интервенции во овие планови и прегледи…?