Заврши реконструкцијата на првиот дел од улицата „Орце Николов“ на потегот од улицата „Ленинова“ до булеварот „Свети Климент Охридски“ на подрачјето на општина Центар. За разлика од порано, на оваа делница сега има велосипедска и пешачка патека, на тротоари веќе нема да има паркирани возила а коловозот е стеснет за метар и половина. Освен ова, овозможено е паркирањето за жителите на околните згради.
-Целта на реконструкцијата е да се зголеми безбедноста на улицата преку воведување физички мерки за смирување на сообраќајот, а со самото тоа да се намали бројот на сообраќајни незгоди на овој потег. Со реконструкцијата ќе се даде поголем приоритет на пешаците, со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста при нивното движење по цела должина на улицата, изјави денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Од понеделник ќе се работи и ќе се затвори за сообраќај потегот од улицата „Ленинова“ до улицата „Коле Неделковски“.