Реновиран Одделот за литература за деца во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, којашто одбележува 78-годишнина од постоењето, денеска  го пушти во употреба реновираниот оддел за литература за деца. На свеченоста присуствуваше и скопскат градоначалничка Данела Арсовска којашто упаи честитки што Градската библиотека добила место каде што најмладите ќе учат, ќе читаат и ќе го осознаваат светот низ игра во прекрасен простор.

-Ви честитам и на сѐ друго што како институција правите. Се надевам дека освен нашата поддршка, ќе ја добиете поддршката и од министерството за култура за да се пополнат работните места со професионалци, кои ќе ги пренесат своите знаења не само на најмладите, туку и на сите нас. Зашто без човечките ресурси ова е само една празна просторија, потенцираше Арсовска.

Одделението за литература за деца во централниот објект постои од 1974 година. Новиот и современ изглед е архитектонското решение на Александра Лазаревска (студио Арчи Нова) и ги следи потребите и читачките навики на денешните деца, но и актуелните текови во библиотечното работење. Просторот е од отворен карактер, со посебно акцент на светлината и боите кои создаваат пријатна атмосфера погодна за читање и креација.

-На реновирањето работевме цела година, буквално рушевме ѕидови за да стигнеме до простор каде што децата со радост ќе ги создаваат своите читачки навики. Не ги заборавивме и младите, кои тука ќе најдат не само лектири, туку и слободна литература и мултимедијални изданија. Во Македонија има експанзија на литература за деца и млади, па веруваме дека многу од тие наслови ќе бидат претставени токму тука. Одделот ќе работи според месечна програма која предвидува работилници, промоции, средби со автори и илустратори. Добивме голема донација на книги од неколку издавачи, но треба време за да се обнови целиот фонд. Предвидовме катче за слепи, слабовидни и дислексични лица за што се надеваме и на поддршка од општествено-одговорните компании и поединци, истакна директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска.

Одделот за литература за деца располага со книжен фонд од околу 20.000 книги.

Претходна вестСкопјанка со ножици го бодела поранешниот партнер пред казино
Следна вестПрва средба: Државните архиви на Македонија и на Грција подготвуваат заедничка изложба на фотографии