Решавачка битка за челичарницата Азовстал во Мариупол

Решавачка битка за челичарницата во Азовстал во Мариупол во која руските воени сили ги опколија последните украинските војници и денеска ќе се води во овој град. Војниците во челичарницата уште не се предаваат и покрај барањето за такво нешто од руска страна.

Командирот на украинските маринци во Мариупол кои се борат во челичарницата „Азовстал“ изјави дека се соочуваат со последните денови, можеби и часови, додека се целосно опколени од руските сили.

– Веројатно ги броиме нашите последни денови, ако не и часови. Русија има предност во воздух, артилерија, тенкови и во опрема. Ние браниме само еден објект, каде што покрај воениот персонал, има и многу цивили, кои се невини жртви на оваа војна, вели мајорот Серхиј Волина од 36. поморска бригада.

Тој не откри колку војници се останати во фабриката, но додаде дека се расположени за борба.

Претходно, руското Министерство за одбрана им постави нов ултиматум на украинските сили во Азовстал.

– Руските вооружени сили, базирани исклучиво на хуманитарни принципи, уште еднаш предлагаат борците на националистичките баталјони и странските платеници денеска да ги прекинат воените операции од 14 часот по московско време и да го предадат оружјето, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Украина соопшти дека се договорила со руските сили денеска да се отвори безбеден коридор за цивилите да го напуштат разурнатиот пристаништен град Мариупол.

-Успеавме да постигнеме прелиминарен договор за хуманитарен коридор за жени, деца и стари лица, напиша на социјалните мрежи украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

Инаку, руските воени сили вршат интензивни напади на истокот од Украина каде внесе нови војници. Воените дејствија се со цел преземање целосна контрола на источниот индустриски регион Донбас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека руската војска употребува сè што има на располагање при нападите, а најголемиот дел од нејзините војници сега се во Украина или долж границата меѓу Русија и Украина.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика за четиридневен прекин на војувањата во Украина, бидејќи од четврток почнуваат Велигденските празнувања и има потреба од „хуманитарна пауза“. Тој рече дека целта е да се евакуираат цивили „од сегашните или претпоставените области на судир“ и донесување дополнителна хуманитарна помош во Мариупол, Донецк, Луганск и Херсон, каде повеќе од четири милиони луѓе имаат потреба од помош.

Претходна вестВелигденско послание на г.г. Стефан: Кон нашиот православен народ и во мир се води војна и продолжуваат непријателствата и негирањата
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Фарса е реакцијата на Ковачевски за клубот Ванчо Михајлов