Скапа опрема што не се користи, неевидентирање на набавка на терапии, немање на правила и критериуми за тоа кои пациенти ќе бидат приклучени на биолошка терапија… се само дел од неправилностите во работењето на Клиниката за онкологија во 2021 година а што ги утврдиле државните ревизори.
Во извештајот на ДЗР се наведува дека Клиниката за онкологија во 2016 година од Министерството за здравство добило акцелератор но тој, наместо да се користи за пациенти заболени од канцер, е ставен во царинско складиште, за за што секоја година се плаќала „лежарина“ од 189 илјади денари.
ДЗР констатирал и дека клиниката не ја евидетирала потрошувачката на биолошка терапија навреме затоа што трошокот од безмалку 650.000 денари бил евидентиран на крајот од 2021 година. Лековите за оваа терапија биле набавувани на реверс без при тоа да биде определена конкретна цена. ДЗР исто така утврдил дека не постојат медицински протоколи и упатства со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми кои пациенти и како ќе бидат приклучени на биолошка терапија.
Ревизорите утврдиле и дека вработените во Клиниката работат на места што не постојат, платите им се одредени по произволни коефициенти, нема правила и критериуми за приклучување на пациенти на биолошка терапија, пописот не е целосно спроведен, нема планирање контрола и реализација на условниот надоместок за набавка на биолошката терапија.
-Во Клиниката не се донесени медицински протоколи со кои ќе се постават критериуми за тоа кој пациент треба да прима биолошка терапија, ниту пак се носеле одлуки за тоа на научен колегиум. Во 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примат биолошка терапија, а одобрение давал медицинскиот директор без да земе предвид дали Клиниката има доволна количина лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата. Ревизорот смета дека на ваков начин се препишувале лекови во количини што на Клиниката ги немало и не биле обезбедени пари од буџетот. Тоа прави ризик биолошката терапија да не е достапна за секој пациент на кого му е препишана, констатира Државниот завод за ревизија.
Клиниката нема пишана процедура за тоа како се прима, издава, троши и евидентира залихата на лекови и медицински потрошен материјал во рамките на аптеката и секоја организациска единица одделно.
-Поради утврдените недостатоци во работењето на клиниката во делот на финансиските трансакции, ДЗР ѝ препорачува на оваа здравствена установа биолошката терапија да се набавува само рамки на веќе обезбедени пари за таа намена а по претходно склучен договор за јавна набавка и истата да се определува и доделува на пацинети по претходно мислење на стручен колегиум. ДЗР уште препорачува Клиниката за онкологија целосно да го спроведува пописот за секоја тековна година, препорачуваат од ДЗР.