Ревизорски извештај: Во Арачиново сѐ уште не се наплаќа данок

Во општината Арачиново сѐ уште не се наплаќа данок, и општината не остварува приход по никаков основ. Ова би можело да биде главниот заклучок на ревизорскиот извештај за работата на Општина Арачинов за 2021 година.

Според објавениот извештај на Државниот завод за ревизија Општина Арачиново не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, не остварува приходи по основ на комунална такса на фирма, комунална такса за користење музика во јавните локали, комунална такса за истакнување реклами, објави и огласи на јавни места и приходи од надоместок за уредување на градежно земјиште, покажува ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2021 година.

– Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност кај Општина Арачиново, сметка на основен буџет (630) за 2021 година, од ДЗР биле констатирани следниве состојби: слабости при спроведување на процесот на буџетирање, реализација на планираните приходи и расходи од 77 проценти и недонесен ребаланс на Буџетот за 2021 година; не е воспоставена единица за внатрешна ревизија ниту меѓуопштинска соработка со друга општина во делот на внатрешната ревизија; општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за задолжување за данок на имот на физички и правни лица, а данокот на промет на недвижности и данок на наследство и подарок не се утврдуваат согласно Методологијата за утврдување на пазарната вредност, се вели во Извештајот.

Во насока на надминување на утврдените состојби, ревизијата дала препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

Претходна вестМлад Косовец прегазил дете во Гостивар
Следна вестКонцерт на „Света Злата Мегленска“: Рафинирано хорско музицирање со ангелски гласови