Поранешниот претседател на САД Ричард Никсон уште пред 30 години ја предвидел војната во Украина, тврдејќи дека ќе биде многу покрвава од тогашната војна во Босна.
Еден од најпознатите претседатели на САД, републиканецот Ричард Никсон беше 36-ти потпретседател и 37-ми претседател на Соединетите Американски Држави. Неговиот мандат го одбележа еден од најголемите скандали во американската историја. Станува збор за аферата „Вотергејт“, односно прислушувањето и упадот на седиштето на националниот комитет на Демократската партија во хотелско-станбениот комплекс Вотергејт во Вашингтон. Кога беше откриена неговата вмешаност, тој беше принуден да поднесе оставка како претседател на Америка.
Иако Ричард Никсон денес многумина го паметат по аферата „Вотергејт“, тој беше движечката сила за подобрување на односите со Советскиот Сојуз за време на Студената војна, тој беше првиот американски претседател што ја посети Москва, во 1972 година и потпиша договор за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје со советскиот лидер Леонид Брежњев.
Кога Бил Клинтон подоцна постојано го фалеше Ричард Никсон, тој всушност мислел на „мудрите совети на поранешниот претседател, особено во однос на Русија“. Скоро 30 годни остана тајна за што зборувале. Но, сега е откриено дека еден месец пред да почине во 1994 година, Никсон напишал многу долго писмо до тогашниот американски претседател Бил Клинтон. Тој му понуди совет, особено за Русија, велејќи дека ако има конфликт во Украина, војната во Босна и Херцеговина ќе изгледа како „градинарска забава“.
Содржината на писмото, откако беше декласифицирана, сега е објавена од претседателската библиотека Клинтон.
Во писмото од седум страници од 21 март 1994 година, Никсон му дава своја анализа на Клинтон за политичката ситуација во Русија, прецизно предвидувајќи дека односите меѓу Москва и Киев ќе се влошат. Во писмото, Никсон предвиде дека односите меѓу Москва и Киев ќе стануваат сè позатегнати, а ситуацијата во Украина ја нарече „исклучително запалива“, пишува „Политика.рс“.
Тогаш Никсон го советуваше Клинтон да го зајакне американското дипломатско присуство во Киев, откако американските бизнисмени му се пожалија дека американската амбасада во главниот град на Украина е недоволно кадровска и несоодветно управувана.