Од 1-ви октомври стапи на сила договорот меѓу операторите на ЕУ и операторите на Западен Балкан за намалување на цените на роамингот.
-Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисот кога ќе одат надвор, ќе имаат помали трошоци за 30 отсто и обратно. Дефинирани се активности при што во 2026 година исто така ќе има намалување за 30 проценти, а во 2028 година, цените на роаминг ќе бидат истите како на домашниот пазар, односно како истите цени во ЕУ. Сите оператори се согласиле да ги намалат цените, изјави денеска министерот за Информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Според него, операторите деновиве ќе излезат со пакети кои ќе ги понудат.
38-те телекомуникациски оператори во ЕУ и Западен Балкан, лани на Самитот ЕУ-Западен Балкан, потпишаа декларација за сообразност, за значително намалување на јазот помеѓу роаминг тарифите и домашните цени меѓу ЕУ и земјите од Балканот.